Ковид-19 денес: Симптоми, тестирање и долгорочни последици
Иако Ковид-19 повеќе не е глобална итност како во 2020–2022 година, вирусот SARS-CoV-2 продолжува да циркулира низ светот и да се појавува во нови варијанти. Денес болеста генерално има поблага клиничка слика кај повеќето здрави лица, но сепак останува значајна, особено за ранливите групи, како постари лица, лица со хронични заболувања и оние со ослабен имунитет. Поради континуираните мутации, симптомите и начинот на тестирање се менуваат со текот на времето, а сè поголемо внимание се посветува и на „долг Ковид“, состојба што може да трае со месеци по акутната инфекција.
Кои се најчестите симптоми на Ковид-19 денес?
Со појавата на нови варијанти (Омикрон и неговите подваријанти), клиничката слика значително се промени во споредба со оригиналниот вирус. Денешните симптоми повеќе наликуваат на инфекција на горните дишни патишта и често се поблаги.
Најчести тековни симптоми се:
болки во грло
затнат или течење на нос
кашлица (сува или со секрет)
замор
главоболка
покачена температура
болки во мускули и зглобови
кивање
Сè поретко се јавуваат симптомите кои беа „класични“ во 2020 година, како губење на вкус и мирис, но не се исклучени.
Некои пациенти може да имаат и:
стомачни симптоми (дијареја, гадење)
болка во градите
вртоглавица
Повеќето случаи се самоограничувачки и траат 3–7 дена, но кај ранливи категории може да се развие потешка форма, вклучувајќи и пневмонија.
Кога да направите тест за Ковид-19?
Иако многу здравствени системи повеќе не бараат задолжително тестирање, тестовите остануваат корисни кога е важно да се знае точната причина за симптомите – за лична заштита, заштита на околината и донесување одлуки за работа или патување.
Се препорачува да направите тест ако:
имате симптоми на респираторна инфекција и сте биле во контакт со заболен
имате важен состанок или работа со ранливи лица (болници, домови за стари лица)
треба да патувате или участвувате на настан со голем број луѓе
имате хронични болести и симптомите се влошуваат
имате висока температура >38°C повеќе од 48 часа
симптомите траат подолго од една недела
Луѓето со послаб имунитет треба да се тестираат и порано, бидејќи навременото лекување со антивирусни лекови е клучно.
Какви тестови постојат и кој кога е најсоодветен?
Денес најкористени се два типа тестови:
Антигенски (брзи) тестови
резултат за 15–20 минути
најдобро детектираат вирус кога симптомите се силни
помалку чувствителни од PCR, но практични за домашна употреба
негативен тест не ја исклучува инфекцијата, особено првите 24–48 часа
Антигенски тест повторно се препорачува по 48 часа ако симптомите продолжат.
PCR тестови
“златен” стандард
откриваат помали количини вирус
потребни кај лица со висок ризик
PCR тест е најпотребен кога:
симптомите се присутни, но антигенскиот тест е негативен
пациентот е имунокомпромитиран
симптомите се тешки или се развива пневмонија
Каков е третманот на Ковид-19 денес?
Третманот на Ковид-19 денес зависи од тежината на симптомите, возраста на пациентот и ризикот од развој на компликации. Кај поголемиот дел од луѓето, особено кај оние кои се млади и здрави, болеста има лесен тек и може да се третира дома со поддржувачки мерки. Најважно е телото да добие доволно одмор и хидратација, како и да се следат симптомите.
Третман на лесни случаи дома
Лесните форми на Ковид-19 обично се третираат со едноставни мерки кои имаат цел да ја намалат непријатноста и да го поддржат организмот додека ја совладува инфекцијата. Најчесто се препорачува:
пиење многу течности за да се избегне дехидратација
одмор и избегнување прекумерен физички напор неколку дена
земање антипиретици како парацетамол или ибупрофен за контрола на температурата и болките
редовно проветрување на просторот за подобрување на квалитетот на воздухот
Во најголем дел од случаите, овие мерки се доволни, а симптомите се повлекуваат
Антивирусни лекови
Кај пациенти со поголем ризик од компликации, лекарот може да препорача антивирусна терапија, како Пакславид (nirmatrelvir/ritonavir) или други слични лекови кои се достапни. Оваа терапија е најефективна кога се започнува во првите 5 дена од појавата на симптомите. Антивирусните лекови се најкорисни за:
лица над 60 години
лица со хронични заболувања како срцеви болести, белодробни болести или дијабетес
имуносупримирани пациенти
Овие лекови го намалуваат ризикот од хоспитализација, тежок тек на болеста и смртност.
Кога треба да се јавите на лекар?
Иако повеќето случаи се лесни, важно е да се препознае кога симптомите укажуваат на посериозна состојба. Лекарска помош треба да се побара ако се појават:
отежнато дишење
болка или притисок во градите
постојана висока температура што не се контролира со лекови
значителна слабост или неспособност за нормално функционирање
намалено ниво на будност или конфузија
знаци на дехидратација
Овие симптоми може да укажуваат на компликации како пневмонија или сериозно влошување на општата состојба.
Што е „долг Ковид“ и кого го погодува?
„Долг Ковид“ (Long COVID) е состојба при која симптомите на Ковид-19 продолжуваат да траат повеќе од четири недели по акутната инфекција. Оваа состојба може да се јави и кај луѓе кои имале лесен тек на болеста и не биле хоспитализирани. Се смета дека долг Ковид е резултат на продолжена имунолошка реакција, воспаление или оштетување на ткивата.
Најчести долготрајни симптоми
Лицата со долг Ковид може да почувствуваат неколку различни симптоми, од кои најчести се:
хроничен замор или исцрпеност
тешкотии со концентрација, познато како „brain fog“
отежнато дишење
упорна кашлица
болки во мускули и зглобови
нарушен сон
палпитации
анксиозност или промени во расположението
Симптомите може да се менуваат со текот на времето и значително да влијаат на квалитетот на живот.
Кој е најризичен за долг Ковид?
Неколку групи луѓе имаат поголема веројатност да развијат долготрајни последици:
лица со повеќе симптоми за време на акутната инфекција
пациенти со хронични заболувања/ имуносупресирани
невакцинирани лица
Лекувањето на долг Ковид е насочено кон симптомите и може да вклучува рехабилитација, длабоки дишења, физикална терапија, корекција на сон и психолошка поддршка.
Како да се заштитите денес?
Иако вирусот продолжува да мутира, постојат едноставни мерки што значително можат да го намалат ризикот од пренос:
редовно и темелно миење раце
проветрување на затворени простори
избегнување близок контакт ако вие или други сте болни
носење маска во здравствени установи или кога имате симптоми
редовна вакцинација
Вакцините, особено ажурираните бустери, не секогаш спречуваат инфекција, но го намалуваат ризикот од тежок тек на болеста, потреба од хоспитализација и појава на долг Ковид.
Centers for Disease Control and Prevention (CDC). 2024. “COVID-19: Testing, Variants, and Long COVID.” Atlanta, GA. Retrieved December 2025 (https://www.cdc.gov/covid ).
World Health Organization (WHO). 2024. “Coronavirus Disease (COVID-19): Updates and Long-term Effects.” Geneva, Switzerland. Retrieved December 2025 (https://www.who.int/health-topics/coronavirus ).