Вакцините спасуваат животи: Што треба да знаете (во било која возраст)
Вакцините се еден од најбезбедните и најефикасните начини за заштита од сериозни болести. Благодарение на нив, денес ретко гледаме болести како сипаници, детска парализа или дифтерија. Но, иако некои болести се поретки, ризикот сè уште постои – особено ако не сме вакцинирани.
➤ Што прават вакцините?
Вакцините му помагаат на телото да создаде природна одбрана (имунитет) против опасни бактерии и вируси.
Кога ќе се вакцинирате, ако дојдете во контакт со болеста – телото ќе знае како да се заштити.
➤ Кои болести ги спречуваат вакцините?
Вакцините штитат од многу болести, како:
Мали сипаници
Голема кашлица
Хепатитис Б (инфекција на црн дроб)
Дифтерија и тетанус
Грип (инфлуенца)
Пневмонија (воспаление на бели дробови)
COVID-19
ХПВ (вирус што може да предизвика рак на грло или матка)
➤ Дали возрасните треба да се вакцинираат?
Да. Вакцините не се само за деца. И возрасните треба:
Да примаат годишна вакцина против грип
Да се вакцинираат против пневмонија и херпес зостер (сипаници) ако се постари од 50 години
Да добијат вакцина против COVID-19, според препораките
Да ја проверат својата состојба ако не се целосно вакцинирани во детството
➤ Дали вакцините се безбедни?
Да. Вакцините се темелно тестирани и безбедни за различни возрасти.
Може да имаат благи несакани реакции – како болка на местото на боцкање, температура или замор – но тие брзо поминуваат. Сериозни реакции, иако возможни, се многу ретки.
➤ Зошто е важно повеќето луѓе да се вакцинираат?
Кога голем дел од населението е вакцинирано, болестите не можат да се шират лесно.
Тоа ја штити и вашата заедница – особено старите лица, трудниците и луѓето со хронични болести.
Дезинформации и лажни вести за вакцините
Во последните години, особено со појавата на COVID-19, се појавија многу неточни информации за вакцините. Дел од нив се шират преку социјални мрежи и апликации за комуникација како вибер – кои иако звучат убедливо, не се научно точни.
🔍 Еве неколку вообичаени лажни тврдења:
Вакцините предизвикуваат аутизам – ова е целосно побиено од сите големи научни истражувања.
Природниот имунитет е подобар – понекогаш болеста може да предизвика тешки компликации или смрт.
Вакцините содржат чипови или контролни уреди – ова е теорија на заговор без никаква основа.
Ако веќе сите се вакцинираат, јас не морам – ваквото размислување ја загрозува заедницата.
Ако не сте сигурни – прашајте лекар или проверете на официјалната веб-страница на Министерството за здравство или Светска Здравствена Организација, наместо да верувате на блогови, видеа или гласини.
Кратки препораки:
Верувајте на информации од Министерството за здравство, Светската здравствена организација (СЗО) или од вашиот матичен лекар.
Не споделувајте информации на социјални мрежи ако не сте сигурни дека се точни.
Прашајте, информирајте се и донесете одлука базирана на факти.