Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Нутриција

Темнозелен листест зеленчук – тајната на неговата моќ

Темнозелениот листест зеленчук, како спанаќ, кељ, брокула и блитва, често е на врвот на листата на најздрави намирници. Неговата богата нутритивна вредност нуди бројни здравствени придобивки, од зајакнување на имунитетот до заштита на срцето и мозокот. Но, зошто е тоа така и која е тајната на неговата моќ?

Фитонутриенти и антиоксиданси

Темнозелениот листест зеленчук содржи различни фитонутриенти – биоактивни соединенија коишто ги штитат клетките од оксидативен стрес и воспаленија. Меѓу нив се издвојуваат:

  • Хлорофил – пигмент што им дава зелена боја на растенијата, но исто така дејствува како антиоксиданс при неутрализирање на штетни соединенија
  • Каротеноиди – лутеин и зеаксантин, присутни во спанаќот и кељот, кои помагаат во зачувување на видот и намалување на ризикот од макуларна дегенерација
  • Флавоноиди – соединенија со антиинфламаторни својства што можат да го намалат ризикот од хронични заболувања, вклучувајќи ги и кардиоваскуларните болести

Извор на клучни витамини и минерали

Темнозелениот лиснат зеленчук е богат со витамини и минерали кои се неопходни за здравјето:

  • Витамин К – неопходен за згрутчување на крвта и здравјето на коските, во големи количини се наоѓа во кељ, блитва, зелка, карфиол, прокељ, брокула, спанаќ, зелена салата и рукола
  • Витамин Ц – го поддржува имунолошкиот систем, ја поттикнува продукцијата на колаген за здрава кожа и зглобови, ја зголемува апсорпцијата на железото и учествува во создавањето енергија
  • Фолна киселина (витамин B9) – игра важна улога во развојот на мозокот и превенцијата на дефекти на невралната туба кај фетусите, што е особено важно за бремените жени
  • Магнезиум – учествува во повеќе од 300 ензимски реакции во телото, вклучително во нормалното функционирање на нервниот систем, мускулите, коските, забите, создавањето енергија и намалувањето на заморот и исцрпеноста

Здравствени придобивки од консумацијата на зеленчук

  • Поддршка на кардиоваскуларниот систем – благодарение на високиот удел на влакна и антиоксиданси, редовната консумација на темнозелениот листест зеленчук е поврзана со намален ризик од висок крвен притисок и срцеви заболувања
  • Помош во контрола на телесната тежина – темнозелениот листест зеленчук има низок калориски состав, а истовремено обезбедува чувство на ситост благодарение на високата содржина на влакна
  • Намалување на ризикот од одредени видови рак – истражувањата покажуваат дека соединенијата како сулфорафан (присутен во брокулата), како и фолатот и диететските влакна, можат да имаат антиканцерогено дејство
  • Поддршка на здравјето на цревата – влакната од зеленчукот делуваат како пребиотици, поттикнувајќи го растот на корисните бактерии во цревата, што придонесува за подобра дигестија и посилен имунитет

Како да се зголеми внесот на темнозелено лиснато зеленчук?

  • Додајте спанаќ или кељ во смути
  • Подгответе салати со различни видови зелен лиснат зеленчук
  • Додајте брокула или тиквица во супи, тестенини или рижото
  • Печете зеленчук како карфиол, брокула и прокељ во рерна со маслиново масло и зачини
  • Користете ги како додаток во омлети, сендвичи или тортиљи

Ако сте на антикоагулантна терапија со варфарин

Варфарин е лек што се користи во терапијата и превенцијата на тромбоемболиски состојби и често се зема долг период или доживотно. Кај лицата што користат варфарин постои верување дека треба да избегнуваат зелен лиснат зеленчук, бидејќи неговата богата содржина на витамин К може да ја намали антикоагулантната ефикасност на лекот.

Сепак, поради бројните здравствени придобивки, многу е поважно да се одржи стабилен внес на витамин К преку квалитетна исхрана. Наместо да се избегнува ваквиот зеленчук, дозата на лекот треба да се прилагоди според лабораториските анализи за да се постигне ефикасност без несакани ефекти.

Заклучок

Темнозелениот листест зеленчук е богат извор на хранливи материи кои овозможуваат бројни здравствени придобивки. Со нивната редовна консумација може да се подобри дигестијата, да се намали ризикот од хронични заболувања и да се обезбедат клучни нутриенти за телото. Вклучувањето на повеќе зеленчук во исхраната не мора да биде комплицирано – дури и малите промени можат да донесат значителни придобивки за здравјето.

  1. American Institute for Cancer Research. Пристапено на 14.3.2025. https://www.aicr.org/cancer-prevention/food-facts/dark-green-leafy-vegetables/
  2. World Cancer Research Fund: Leafy greens decrease bowel cancer risk. Пристапено на 14.3.2025. https://www.wcrf.org/about-us/news-and-blogs/leafy-greens-decrease-bowel-cancer-risk/
  3. EFSA EU Health Claim Register. Пристапено на 14.3.2025. https://ec.europa.eu/food/food-feed-portal/screen/health-claims/eu-register

Средна оцена:

3,1 (74 гласа)

Вашата оцена е евидентирана!