Радиолошки прегледи кај деца: Што треба да знаат родителите
Радиолошките прегледи се користат за да се добие појасна слика за тоа што се случува внатре во телото. Кај децата, тие можат да му помогнат на лекарот побрзо и поточно да постави дијагноза. Овој текст објаснува што се радиолошки прегледи, кога се прават кај деца, како изгледаат, дали се безбедни и што треба да знаат родителите пред и по радиолошкиот преглед.
Што се радиолошки прегледи?
Радиолошките прегледи се медицински тестови кои прават слики од внатрешноста на телото.
Најчесто се користат:
Ултразвук – за преглед на стомакот, срцето и меки ткива. Нема зрачење и не е штетен. Кратко трае.
Магнетна резонанца (МР) – за појасни слики на мозок, 'рбет и зглобови. Нема зрачење и не е штетна, но прегледот трае подолго.
Рентген – за преглед на коски и бели дробови. Има зрачење што може да биде штетно, но прегледот трае кратко.
Компјутерска томографија (CT) – слична на рентген, но со повеќе детали. Трае неколку минути и има најголема доза на зрачење.
Кога се прават радиолошки прегледи кај деца?
Лекарот може да препорача ваков преглед ако:
Детето има повреда (на пример, сомнеж за скршена коска).
Постојат симптоми што не се јасни (на пример, силни болки во стомакот).
Треба да се следи веќе позната состојба (на пример, Астма или Епилепсија).
Дали се безбедни за децата?
Ова е едно од најчестите прашања на родителите. Добрата вест е дека медицинските радиолошки прегледи кај деца се внимателно контролирани. Количината на зрачење, ако го има, е минимална и се користи само кога е навистина потребно. Лекарите секогаш ја избираат најбезбедната метода според возраста и потребата на детето.
Ултразвукот и магнетната резонанца, на пример, воопшто не користат зрачење и се целосно безбедни.
Апликација на контраст
Во одредени случаи, пред или за време на прегледот, може да се даде контрастно средство – течност што помага некои органи или структури подобро да се видат на сликите. Контрастот најчесто се користи кај КТ (компјутерска томографија) и МР (магнетна резонанца).
Контрастот може да се даде:
Преку пијалок (на пример, за преглед на желудник или црева)
Преку вена (за подобра слика на крвни садови, бубрези или мозок)
Контрастот обично е безбеден, но кај некои деца може да предизвика блага алергиска реакција (осип, чешање). Затоа, важно е да го информирате лекарот ако детето има алергии или претходно имало реакција на лекови.
Што да очекувате за време на прегледот?
Во повеќето случаи, прегледот е брз и безболен. Еве што можете да очекувате:
Пред прегледот: Детето можеби ќе треба да облече болничка облека или пижами и да ги тргне сите метални предмети од себе (на пример, обетки или копчиња).
За време на прегледот: Детето лежи мирно додека се прави сликата. Ако е многу мало, може да се користи лесна седација или родителите да бидат присутни за да го смират.
По прегледот: Детето веднаш се враќа на вообичаени активности, освен ако добило седација – тогаш ќе треба да полежи и да биде кратко набљудувано од медицинскиот тим.
Совети за родители
Разговарајте со детето: Објаснете му дека нема да боли и дека прегледот помага докторот да го направи подобро.
Понесете омилена играчка: Може да му помогне да се чувствува посигурно.
Прашајте го лекарот: Доколку не ви е јасно зошто се прави прегледот, слободно поставете прашања.
Што можат родителите да направат?
Доверувајте се на медицинскиот тим – тие се обучени да работат со деца.
Споделете со лекарот ако вашето дете има стравови или ако претходно имало лошо искуство.
Следете ги упатствата кои ќе ги добиете пред и по прегледот.
Заклучок
Радиолошките прегледи кај деца се важен дел од медицинската дијагноза. Тие се безбедни, брзи и помагаат за точна проценка на здравјето на вашето дете. Доколку вашиот лекар ви препорача ваков преглед, не двоумете се да прашате сè што ве интересира. Раното откривање значи побрзо лекување.
Ако имате прашања или грижи во врска со радиолошки преглед, разговарајте со вашиот матичен лекар или педијатар. Тие се тука да ви помогнат.
Автор: Др. Миралем Јукиќ специјалист радиолог.
Оваа веб страница користи колачиња
Нашата веб страница користи колачиња. Покрај неопходните, може да користиме колачиња за функционалност, аналитика и маркетинг. Со кликнување на „Прифати“, се согласувате со употреба на сите колачиња.