Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Здравствени состојби и интервенции

Рак на кожа (малигни и бенигни): како да ги препознаете опасните промени и како се лекуваат

Кожата е нашиот најголем орган и секојдневно е изложена на сонце, повреди и други влијанија. Повеќето промени на кожата се бенигни (не се агресивни промени), но дел од нив можат да бидат или да станат малигни, односно рак на кожа. Навремено препознавање на сомнителни промени значително ги зголемува шансите за успешно лекување.

Бенигни vs. малигни промени – што значи тоа?
  • Бенигни промени - Тие не се агресивни промени и не метастазираат (не се шират во други органи). Примери:
  • Атероми кои поради запушување, опструкција на одводниот канал на лојната жлезда и насобирање на лојниот продукт при што се создава цистична формација. Најчесто тие се јавуваат локализирани на површината на главата, лицето, ушните школки, вратот и грбот. Многу често се случува атеромите секундарно да се инфламираат, односно да настане воспаление и гноен процес кој клинички се манифестира со сите знаци на едно воспаление (болка, црвенило, оток, топлина, флуктација).
  • Липомите кои настануваат од масното ткиво. Тие најчесто се јавуваат во поткожното масно ткиво на вратот, грбот односно трупот и горните екстремитети. Се работи за една туморска маса која е најчесто јасно ограничена, на палпација е мека и подвижна во однос на подлогата, таа споро расте и е безболна, не предизвикуваат симптоми освен естетска непријатност или иритација.
  • Невусите или бемките се пигментни бенигни тумори кои настануваат од меланоцитите (пигментни клетки). Невусите се најчесто стекнати тумори, а можат да бидат и вродени. Вродените бемки се јавуваат пред раѓањето, а растат со детето. Стекнатите бемки не се склони да се трансформираат во малигни тумори.
  • Малигни промени (рак на кожа) - Се агресивни тумори што можат да навлезат длабоко во околните ткива и да метастазираат во сите слоеви од кожата па дури и до коските. Најчести типови се:
  • Базоцелуларен карцином – најчестиот тип на рак на кожа, и претставува околу 70–80% од сите случаи. Потекнува од базалните клетки во најдолниот слој на кожата. Toj расте многу бавно и ретко метастазира и најчесто се појавува на делови изложени на сонце: лице, нос, уши, врат, раце и скалп. Ако не се лекува, може локално да го разорува ткивото, вклучувајќи мускули, коски и нерви. Има добра прогноза ако се третира навремено.
  • Сквамоклеточен карцином–  потекнува од површинските клетки на кожата. Тој е вториот најчест тип на рак на кожа, и е поагресивен од базоцелуларниот. Може да навлезе подлабоко, да го разорува ткивото и да се прошири (метастазира) во лимфните јазли. Се јавува особено кај лица со хронично изложување на сонце, кај постари лица и кај лица со ослабен имунитет.
  • Меланом  е најопасниот тип на рак на кожа, иако е многу поредок од првите два. Потекнува од меланоцитите – клетките кои создаваат пигмент (меланин).Може да расте многу брзо и рано да метастазира во лимфни јазли, бели дробови, мозок и други органи. Најчесто се јавува на бемки што се менуваат во изглед , но може да се појави и како нова бенка. Често е поврзан со интензивни сончеви изгореници, особено во детството.
Како да препознаете опасни промени? – ABCDE правилото за бемки

Особено важно е да се следат бенките и новонастанатите темни флеки. Корисно е ABCDE правилото:

  • A – Asymmetry (Асиметрија): едната половина од бенката не личи на другата.
  • B – Border (Рабови): нерамни, назабени, „изедени“ рабови.
  • C – Color (Боја): нерамномерна боја – комбинација од кафена, црна, црвена, сива, бела.
  • D – Diameter (Дијаметар): поголема од 6 мм (големина на гумичка на молив) – но и помали можат да бидат сомнителни.
  • E – Evolving (Еволуција): бемката се менува – расте, ја менува бојата, формата или почнува да крвави, чеша, пече.

Покрај бенките, обрнете внимание и на:

  • Рана што не заздравува повеќе од 3–4 недели
  • Црвен, задебелен, лушпест или груб дел од кожа што се шири
  • Флека која крвави, се лупи или има кора, а не зараснува
  • Сјајна, бисерно-бела или розева грутка (типична за базоцелуларен карцином)
  • Тврда, црвеникава нодула или лезија со кора (често плоскоклеточен карцином)

Секоја нова или „чудна“ промена која се менува, крвави или боли треба да ја погледне дерматолог.

Ризик фактори за рак на кожа

Некои луѓе имаат поголем ризик да развијат рак на кожа:

  • Честа и долготрајна изложеност на сонце или солариум
  • Сончеви изгореници, особено во детството
  • Светол тен, руса или риѓа коса, сини или зелени очи
  • Голем број бенки или атипични бенки
  • Семејна историја на меланом
  • Ослабен имунитет

Ако спаѓате во група со повисок ризик, редовните дерматолошки прегледи се особено важни.

Како се поставува дијагнозата?

Кога дерматологот ќе забележи сомнителна промена, најчесто ќе направи:

  • Дерматоскопија – преглед со специјална лупа и светло што овозможува подобар поглед на структурата на лезијата.
  • Биопсија – се зема дел или целата промена за микроскопско испитување. Ова е единствениот сигурен начин да се утврди дали станува збор за рак и за кој тип.
Третман на бенигни промени
  • Хируршко отстранување (ексцизија) – се сече промена под локална анестезија.
  • Криотерапија – замрзнување со течен азот (често кај брадавици или кератози).
  • Електрокоагулација / ласер – уништување на површински промени.
Третман на малигни промени (рак на кожа)

Третманот зависи од типот и стадиумот на туморот, но целта секогаш е целосно отстранување и спречување на метастази.

Хируршка ексцизија

Најчестиот третман. Лекарот ја отстранува туморската лезија со „безбедна маргина“ на здрава кожа околу неа. Кај меланом и поголеми тумори маргините се пошироки.

Mohs хирургија

Специјализирана техника каде туморот се отстранува слој по слој, а секој слој се проверува под микроскоп веднаш. Се користи за тумори на лице или делови каде е важно да се зачува што повеќе здрава кожа.

Локални третмани

Кај некои површни тумори (особено рани базоцелуларни или плоскоклеточни карциноми):

  • Криотерапија (замрзнување)
  • Фотодинамичка терапија (лек + светлина што ги уништува лезиите)
  • Локални креми со имуно-модулатори или цитостатици (на пр. имиквимод, 5-FU), според препорака на дерматолог.
Радиотерапија

Се користи кај пациенти кои не можат да се оперираат или за одредени локализации.

Системска терапија кај напреднат меланом

Кога меланомот се проширил во други органи, може да се користи:

  • Имунотерапија – лекови кои го активираат имунитетот да ги уништи туморските клетки.
  • Таргетирана терапија – лекови насочени кон специфични мутации (на пр. BRAF мутации).

Овие третмани значително ја подобрија прогнозата кај многу пациенти со напреднат меланом.

Како да се заштитите?
  • Избегнувајте сонце во период 10–16 часот во летните периоди.
  • Користете крем за сончање со висок SPF (30 или повеќе), нанесен изобилно и повторуван на секои 2 часа.
  • Носете шешир, очила и облека што покрива.
  • Избегнувајте солариум.
  • Правете самопреглед на кожата еднаш месечно.
  • Посетувајте дерматолог, особено ако имате многу бенки или семејна историја на рак на кожа.

  1.  American Academy of Dermatology (AAD). 2024. Skin Cancer: Types, Symptoms, and Diagnosis. Rosemont, IL: American Academy of Dermatology Association. Retrieved December 2025 (https://www.aad.org/public/diseases/skin-cancer ).
  2. Mayo Clinic. 2024. Skin Cancer – Symptoms and Causes. Rochester, MN: Mayo Foundation for Medical Education and Research. Retrieved December 2025 (https://www.mayoclinic.org/diseases-conditions/skin-cancer ).
  3. World Health Organization (WHO). 2023. Ultraviolet Radiation and Skin Cancer. Geneva: World Health Organization. Retrieved December 2025 (https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/ultraviolet-radiation ).
  4. Zan Mitrev Clinic. 2024. „Хируршки третман на израстоци – бенигни тумори на кожата.“ Skopje, North Macedonia. Retrieved December 2025 (https://zmc.mk/hirurshki-tretman-na-izrastoci-benigni-tumori-na-kozhata/

Средна оцена:

3 (41 гласа)

Оцени:

Вашата оцена е евидентирана!