Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Нутриција

Прехрана во бременоста – која храна треба да се избегнува?

Бременоста е период во кој прехраната игра клучна улога за здравјето на мајката и детето. Иако разновидната и урамнотежена прехрана е од суштинско значење, постојат одредени намирници кои бремените жени треба да ги избегнуваат за да го намалат ризикот од инфекции, труење со храна и други здравствени компликации. Во продолжение е прикажан список на групи на намирници кои не се препорачуваат во текот на бременоста, како и потенцијалните ризици од нивната консумација.

1. Сировa и недоволно термички обработена храна

Сировата и недоволно термички обработена (недоволно варена или печена) храна може да содржи бактерии како што се Listeria monocytogenes, Salmonella и Escherichia coli, кои може да доведат до сериозни инфекции.

  • Сирово месо и риба – Суши, татараски бифтек и недоволно печени стекови, сирова или димена риба и други морски плодови може да содржат паразити и бактерии кои го зголемуваат ризикот од труење со храна, а исто така може да го инфицираат плодот чиј имунолошки систем не е доволно развиен за да се спротивстави на инфекцијата.
  • Сирови јајца – Може да бидат заразени со бактерија Salmonella, што може да предизвика дигестивни проблеми и дехидрација.
  • Сирови растителни никулци – Бремените жени треба да избегнуваат консумирање на какви било сирови растителни никулци, кои се посебно ризична група на намирници за развој на патогени микроорганизми.
  • Непастеризирани млечни производи и свежи меки сирења кои не поминуваат значителен процес на созревање – Може да содржат бактерија Listeria monocytogenes, која може да предизвика предвремено породување, абортус или сериозни инфекции кај новороденчињата, вклучувајќи и смртен исход.

2. Риба со висока содржина на жива

Некои видови на риба, како што се сабјарка, ајкула, туна и скуша, содржат високи нивоа на жива. Живата може негативно да влијае на развојот на нервниот систем на детето. Наместо тоа се препорачуваат риби со ниска содржина на жива, како што се лосос, пастрмка и сардини но, во умерени количини (до 2 порции неделно).

3. Деликатесни месни производи и готови салати

Ладни месни нарасци, колбаси, виршли, паштети и готови салати може да содржат бактерија Listeria, која може да преживее и да се размножува при ниски температури во фрижидер.

4. Непастеризирани сокови и сиров зеленчук

Непастеризирани овошни сокови може да содржат бактерии како Escherichia coli и Salmonella. Исто така, лиснатиот зеленчук (на пример, зелена салата, спанаќ) може да биде контаминиран, па е важно да се мие темелно пред консумација.

5. Кофеин и алкохол

  • Кофеин – Прекумерната консумација на кофеин може да го зголеми ризикот од абортус и да влијае на срцевиот ритам на бебето. Стручњаците препорачуваат ограничување на максимум 200 мг дневно (приближно еден филџан кафе).
  • Алкохол – Не постои сигурна количина на алкохол во бременоста. Алкохолот може да предизвика фетален алкохолен синдром, којшто може да доведе до ментални и физички нарушувања кај детето.

6. Вештачки засладувачи и високо прерабработена храна

Некои вештачки засладувачи, како што е сахарин, можат да преминат преку плацентата и потенцијално да влијаат на развојот на фетусот. Исто така, обработената храна со висок процент на сол, шеќер и заситени масти може да го зголеми ризикот од гестациски дијабетес и хипертензија.

Заклучок

Здравата прехрана во текот на бременоста е клучна за правилниот развој на детето и благосостојбата на мајката. Избегнувањето на потенцијално опасни намирници може значително да го намали ризикот од инфекции, труење со храна и други компликации. Препорачливо е да се консултирате со лекар или нутриционист за да се обезбеди оптимален план на исхрана.

  1. Mayo Clinic. Pregnancy nutrition: Foods to avoid. Достапно на: https://www.mayoclinic.org
  2. World Health Organization (WHO). Healthy diet during pregnancy. Достапно на: https://www.who.int
  3. American Pregnancy Association. Foods to avoid during pregnancy. Достапно на: https://americanpregnancy.org 

Средна оцена:

3 (67 гласа)

Оцени:

Вашата оцена е евидентирана!