Shopping cart

Free Shipping for all orders over $200

Big Dumbbells
$120.00 x2
Vitamin Bottle
$80.00 x2

Subtotal:

$113.00
  • Следете нѐ:

MK

|

SQ

disabled_visible

Нутриција

Како преработената храна придонесува за ризик од хронични заболувања

Луѓето отсекогаш ја преработувале храната на разни начини – со термичка обработка, сушење, мелење, солење и други методи – со цел да ја зачуваат, подобро искористат или направат повкусна. Сепак, во поново време, прехранбените производи, од разни грицки и пијалаци до готови јадења, станаа основа на исхраната во многу домаќинства. Иако можат да заштедат време и напор, сè повеќе истражувања покажуваат дека исхраната богата со преработена храна може да има сериозни негативни ефекти врз здравјето.

Поделба на храната според степенот на преработка

Еден од начините на препознавање на храната според нивото на преработка опфаќа четири групи:

  1. Непреработена или минимално преработена храна
    • Добиена директно од природата од растенија или животни, без значајни промени.
    • Може да биде подложена на чистење, мелење, сушење, ферментација, замрзнување итн., без додавање на масла, масти, шеќер, сол или други адитиви.
    • Примери: свежо или замрзнато овошје и зеленчук, суво овошје, јаткасти плодови, семиња, житарки (овес, пченица, јачмен, пченка, 'рж итн.), мешунки (леќа, грав, наут), свежо месо, јајца, млеко, обичен јогурт, зачини, чај, кафе, вода итн.
  2. Преработени кулинарски состојки
    • Производи добиени со преработка на природни состојки кои се користат за зачинување и подготовка на јадења.
    • Примери: масла, масти, путер, сол, шеќер, мед, јаворов сируп, скроб.
    • Со внимателна и умерена употреба, придонесуваат за разновидност и вкус на јадењата, додека ја зачувуваат балансираната исхрана.
  3. Преработена храна
    • Храна произведена со додавање на сол, шеќер, масла или други состојки (од групата 2) на природна или минимално преработена храна (од групата 1).
    • Обично содржи две или три состојки.
    • Примери: конзервиран или кисел зеленчук, концентрат од домати со сол и/или шеќер, овошје во шеќерен сируп, сланина, солени или засладени јаткасти плодови и семиња, рибни конзерви (сардина, туна), солено, сушено или димено месо и риба, сирење, леб (непакуван, од брашно, квасец, вода и сол), ферментирани алкохолни пијалаци (пиво, вино).
  4. Ултра - преработена храна
    • Индустриски формулирана храна подготвена во лаборатории од изолирани прехранбени состојки и адитиви кои го прават производот многу привлечен за консумирање.
    • Примери: пакувани масни, слатки или солени грицки, колачиња, сладоледи, чоколади, бонбони, газирани пијалаци, енергетски и спортски пијалаци, инстант супи, сосови, зачини, засладени јогурти, млечни пијалаци, маргарини, готови јадења (пица, тестенини, хамбургери, колбаси).
Зошто ултра-преработената храна е проблем?
  • Висока содржина на шеќер, сол и масти: Ги прават производите повкусни и поттикнуваат прекумерно консумирање, што доведува до дебелина.
  • Ниска содржина на есенцијални хранливи материи: Недостасуваат влакна, витамини и минерали потребни за здравје.
  • Нарушување на варењето и ситоста: Интензивната преработка го менува начинот на варење и чувство на ситост.
  • Премногу адитиви: Негативно влијаат на цревната микробиота и го зголемуваат воспалението.
  • Хемикалии од амбалажата: Микропластика и БПА можат да преминат во храната.
  • Замена на поздрава храна: Преработената храна ги заменува подобрите опции како овошје, зеленчук и житарки.
Ризик од хронични заболувања

Консумирањето ултра-преработена храна го зголемува ризикот од:

  • Кардиоваскуларни болести.
  • Коронарна болест на срцето.
  • Ментални заболувања.
  • Дијабетес тип 2.
  • Прерана смрт.
Препораки за поздрава исхрана
  • Гответе дома користејќи свежи и целосни намирници.
  • Користете мали количини на масла, масти, сол и шеќер.
  • Ограничете ја преработената храна како дополнување на оброците.
  • Читајте етикети: изберете производи со помалку состојки.
  • Избегнувајте ултра-преработени производи.
  • Заменете ги засладените пијалаци со вода или чаеви.

  1. Lane MM, Gamage E, Du S, et al. Ultra-processed food exposure and adverse health outcomes: umbrella review of epidemiological meta-analyses. BMJ. 2024;384:e077310.
  2. Monteiro CA, Cannon G, Levy RB, et al. NOVA. The star shines bright. World Nutrition. 2016;7(1-3):28-38.
  3. Monteiro CA, Cannon G, Lawrence M, et al. Ultra-processed foods, diet quality, and health using the NOVA classification system. Rome: FAO; 2019.

Средна оцена:

3 (84 гласа)

Оцени: